Кина и Русија ја продлабочуваат соработката
Ши Џинпинг е во тридневна посета на Русија, на средба со колегата Владимир Путин. За налогот за апсење на Путин, издаден од Меѓународниот кривичен суд, Кина смета дека судот треба да избегнува политизација и двојни стандарди. Од Брисел и натаму со став дека Путин мора да биде уапсен...

Очите на светската јавност вперени кон Москва. Кинескиот лидер Ши Џинпинг е во тридневна посета на Русија, на средба со колегата Владимир Путин. Кина и Русија го опишаа патувањето како дел од напорите за продлабочување на пријателството без граници.
Од Кремљ велат дека двајцата претседатели ќе разговараат за прашањата поврзани со Украина, а Путин ќе понуди детално објаснување на рускиот поглед на актуелната ситуација.
„Сведоци сме на мноштво отворени непријателски изјави во однос на нашата земја и нашиот претседател и ништо добро нема да излезе од тоа ако ја земеме при срце секоја од нив. На овој или оној начин, кинескиот мировен план, се разбира, неизбежно ќе биде тема за време на размената на мислења за Украина“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Пекинг повика на мирно решавање на украинската криза. За налогот за апсење на Путин, издаден од Меѓународниот кривичен суд, Кина смета дека судот треба да избегнува политизација и двојни стандарди.
„Посетата на претседателот Ши е патување на пријателство, соработка и мир. Ќе има размена на мислења за билатералните односи и главните меѓународни и регионални прашања од заеднички интерес. Кина ќе ја задржи својата објективна и правична позиција за украинската криза и ќе игра конструктивна улога во промовирањето на мировните преговори“, изјави Ванг Венбин, портпарол на МНР на Кина.
Од Брисел и натаму со став дека Путин мора да биде уапсен. Москва пак, отвори кривична постапка против обвинителите и судиите на Меѓународниот кривичен суд кои издадоа налог за апсење.
„Доколку претседателот Путин отпатува во една од повеќе од 130 земји кои го потпишаа овој меѓународен договор, тој веднаш треба да биде уапсен. Можеме да преговараме што сакаме, но оваа одлука на судот останува валидна“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Според аналитичари, средбата Путин – Ши е политички поттик за изолираниот руски претседател, откако Меѓународниот кривичен суд го обвини за воени злосторства во Украина.
„Кина сè уште зависи од трговските односи со Западот, особено Западна Европа, каде што се наоѓа судот. Но, од друга страна, Ши е идеолошки лидер. Идеолошките определби и усогласувањата на неговите интереси со оние на Путин го одвлекуваат вниманието на Западот и го држат далеку од Тајван, подалеку од Источна Азија“, изјави Марк Војџер, поранешен специјален советник за руски и евроазиски прашања.
Кина гледа на Русија како на извор на нафта и гас и партнер во спротивставувањето на тоа што и двете го гледаат како американска доминација на глобалните теми и пазари.
Маријана Димовска
