Политика

Ковачевски: Партиите да покажат на дело дека се за членство во ЕУ

20.03.2023 14:26

Одговорноста за уставните измени е на сите политички партии, не само декларативно, туку реално порача премиерот Ковачевски. Тој истакна дека уставните измени се пропишани со закон, и оти целата процедура е многу јасна транспарентна. Лидерот на опозицијата Мицкоски со став. Уставни измени во овој пратенички состав под бугарски диктат и во овие околности нема да има...

Не е доволно само декларативно да се произнесуваат за Европската Унија – смета претседателот на Владата, Ковачевски. Политички партии и политичари треба да покажат дека се и реално со одлуки – истакна Ковачевски во контекст на очекувањата за постигнување согласност од опозицијата за уставните измени. Тој дополни дека одговорноста за тоа е на сите политички субјекти, бидејќи обврските произлегуваат од заклучоците коишто Собранието ги донесе со мнозинство гласови минатата година и се дел од преговарачката рамка.

Тој истакна дека процедурата за уставните измени се води од страна на Министерството за правда со експертска група којашто ќе биде формирана, во којашто ќе учествуваат сите експерти вклучително и тие предложени од опозицијата.

Од друга страна, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, категоричен „Уставни измени во овој пратенички состав, под бугарски диктат и во овие околности нема да има, Предупредивме дека за тоа што го преземаат како обврска од името на сите нас, не само што немаат кредибилитет, туку и не можат физички да го поминат. Тоа нема да се случи ниту во мај, ниту во јуни, затоа што ние имаме принципиелен став од самиот почеток. Создадоа проблем којшто не можат да го решат“, рече Мицкоски.

 

Марина Стојанова – Тонева