Еден милион евра за настраданите во земјотресот во Турција и Сирија
Македонскиот народ изминатиов период сочувствуваше со населението во Турција и во Сирија – нагласи генералниот секретар на Црвениот крст. Турскиот амбасадор изрази благодарност до македонскиот народ што веднаш се мобилизирал во тешките денови за Турција...

Еден милион евра помош за настраданите во земјотресот во Турција и во Сирија – македонскиот народ ја покажа солидарноста на дело. Овие средства се собрани со донации од граѓаните, приватниот сектор и државните институции. Македонскиот народ изминатиов период сочувствуваше со населението во Турција и во Сирија – нагласи генералниот секретар на Црвениот крст. Вели, хуманоста не се кажува, туку се докажува.
„Многу поблиску до човековата природа се добрите дела, а не злото и затоа не смееме да веруваме дека живееме во нехумано општество. Во наредниот период продолжуваме да работиме на обезбедување подостоинствен живот на оние на кои им е потребна поддршка“, изјави Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст.
Турскиот амбасадор изрази благодарност до македонскиот народ што веднаш се мобилизирал во тешките денови за Турција.
„Институции, невладиниот сектор, бизнис заедницата, образовните институции, млади и возрасни, сите помогнаа за настраданите од погодените региони. Не може да ги вратиме назад изгубените животи, но со сета можна сила ќе работиме на закрепнување на раните на оваа природна катастрофа. Одново ќе ги изградиме разурнатите градови и училишта“, изјави Хасан Мехмет Секизќок, амбасадор на Турција.
Црвениот крст одбележа 78 години од постоењето, годинава посветени на хуманоста и солидарноста на настраданото население во погодените подрачја во Турција и Сирија.
Андријана Ѓурческа
