Македонија

Промовиран Протоколот за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица

20.03.2023 14:44

Денеска беше промовиран Протоколот за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица, во коорганизација на Министерството за труд и социјална политика и УНДП...

Денеска беше промовиран Протоколот за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица, во коорганизација на Министерството за труд и социјална политика и УНДП. На настанот организиран по овој повод свои обраќања имаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, амбасадорот на Норвешка за Србија, Северна Македонија и Косово, Јон Еуген Гелштад, како и постојаниот претставник на Канцеларијата на УНДП во Република Северна Македонија, Армен Григоријан.

Од страна на министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска беше истакната оправданоста на Протоколот за постапување и упатување на децата од улица, како неодложна потреба Република Северна Македонија да ги усогласи своите активности во социјалната заштита на децата со оние на европските земји, а како уште еден чекор во доближувањето на земјава кон европските текови.

„На децата не им е местото на улица, туку во училиштата, во образовниот процес. Потребно е нивно целосно вклучување во општествените текови, како и организирана заштита, како здравствена, така и социјална. Токму тука ја препознавме нашата обврска да се погрижиме ниту едно дете да не биде лишено од основните човечки потреби и удобности, заеднички да помогнеме да го направиме ова место подобар свет за нив за да можат живеат, а не само да преживеат“, рече министерот Спасовски образложувајќи ги аргументите за креирањето на новиот Протокол за постапување со деца на улица, како мултисекторски обврзувачки документ.

Министерот Спасовски потенцираше дека Протоколот содржи широка лепеза на постапки и мерки наменети за стручните лица ширум земјава кои се во допир со оваа целна група.

Во своето обраќање, постојаниот претставник на Канцеларијата на УНДП, Армен Григоријан, ја изрази надежта дека Протоколот ќе служи како катализатор за промени со цел подобрување на квалитетот на живот на децата.