Битола

Терапијата бесплатна, патните трошоци високи за лицата со мултиплекс склероза

22.03.2023 18:00

Лицата со мултиплекс склероза соочени со проблем при подигнување на терапиите, до неодамна во пресрет им излегувала организацијата на Црвениот крст во Битола, но сега повторно се оставени сами на себе кој како знае и умее да се снајде...

Лицата со мултиплекс склероза во државава тешко доаѓаат до терапија, голем е бројот што се на листа на чекање, но и оние кои веќе имаа одобрено терапија се соочуваат со проблем како да дојдат до истата. Од здружението „Гласно за мултипла склероза“ во Битола, велат дека терапијата која треба да ја примат, секој месец треба сами да ја подигнуваат од клиника и потоа да најдат начин како да ја аплицираат во местото каде што живеат.

„Најголем проблем за којшто се бориме се терапиите, бидејќи не секој е во можност да оди во Скопје и да си ја подигнува од таму терапијата, треба да се оди еднаш месечно, терапијата е за цел месец но сепак со оглед на трошоците не секој има можност да оди секој месец бидејќи буквално е пет минути работа, а трошоците се големи“, изјави Сања Поповска - претседател на здружението „Гласно за МС“.

Претседателката здружението Сања Поповска, која исто така се бори со оваа болест, вели дека со овој проблем се соочуваат сите пациенти од внатрешноста на државата кои не живеат во Скопје и бараат од Министерството за здравство што поскоро да изнајдат решение за надминување на овој проблем.

„Не се работи само за Битола, се работи за сите градови во Македонија, ние баравме терапиите да може да ги има во секој поголем град, ако не може во секој матичен град, тогаш во секој поголем град и регионски да ги земаат терапиите, пример да има терапии во Битола и околните населени места поблиско им е да дојдат во Битола да си ја подигнат терапијата отколку да одат во Скопје“, рече Сања Поповска.

До минатата недела во пресрет им излегуваше „Црвениот Крст“, со упат и полномошно од пациентите, еднаш месечно терапиите од Скопје им ги носеше во Битола, но во разговор со секретарот на оваа организација во Битола дознавме дека, оваа пракса ќе биде прекината, заради тоа што како што велат тие имало реакција од докторите на Клиника, кои сметаат дека со оваа олеснителна околност пациентите ги избегнуваат редовните контроли. Од здружението пак велат дека контролите се еднаш годишно и тие повторно се соочени со месечните трошоци за подигнување на терапијата.

 

Александра Максимовска