Руско-украински конфликт

Путин и Џинпинг се очекува да потпишат договори

21.03.2023 12:13

Економските односи-главна тема на продолжените разговори Џинпинг-Путин. За САД посетата е дипломатско покривање на Путин. Паралелно со разговорите во Москва, во Киев, ненадејна посета на јапонскиот премиер Фумио Кишида...

Втор ден од посетата на кинескиот лидер во Москва. Економските односи-главна тема на продолжените разговори Џинпинг-Путин. Се очекува и потпишување на договори за проширување на „сеопфатното партнерство“ и „стратешката соработка“. Пред разговорите во Кремљ, Џинпинг се сретна со премиерот Мишустин.

„Планираме да донесеме голем број важни одлуки за развојот на руско-кинеската соработка во среднорочна перспектива до 2030 година. Руската и кинеската влада мора да обезбедат координирана работа да ги исполниме сите договори кои ќе бидат направени на највисоко ниво“, изјави Михаил Мишустин, премиер на Русија.

Путин претходно ги поздрави кинеските предлози за политичко решение на војната во Украина, додавајќи дека Русија е отворена за разговори. Улогата на Пекинг како миротворец, наиде на скептицизам кај западните лидери. За САД посетата е дипломатско покривање на Путин. Кина, пак повтори оти не заземала страна во украинскиот конфликт и оти никогаш не им понудила оружје на инволвираните страни.

„Кина не е ниту креатор, ниту страна во украинската криза, ниту има обезбедено оружје за која било страна во конфликтот“, изјави Ванг Венбин, портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина.

Паралелно со разговорите во Москва, во Киев, ненадејна посета на јапонскиот премиер Фумио Кишида. На средбата со Зеленски одлучно ја отфрли руската агресија врз Украина.

На терен, жестоките битки во Бахмут не престануваат. Украинските сили тврдат дека источниот град Авдивка наскоро може да стане „втор Бахмут“. Зеленски најави нова воена помош од Европа и САД.

„Нашите европски партнери се договорија за итна испорака и производство на муниција. Од САД добивме ракети „Химарас“, артилерија и друга муниција. Ова е стратешки чекор. Кругот на партнери кои се подготвени да работат заедно за да ја казнат Русија за нејзината агресија, неизбежно се проширува“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Украинската одбрана соопшти дека успеале да го уништат рускиот товар со крстосувачки ракети „Калибр“ кои се транспортирале со воз од окупираниот Крим. Руски авиони, пак, пресретнале два американски бомбардери над Балтикот.

 

 

Бојана Крстевски