Голема посвестеност на митингот на ДУИ во Чаир
Митингот на ДУИ во Чаир со голема посетеност, но и потврда на определбата на Ахмети за поддршка на министрите и другите државни функционери, особено на вицепремиерот Артан Груби. Првиот меѓу „огнените“, Изет Меџити реплицираше дека лидерот Ахмети пуштил, како што рече „ураган на своите синови“...

На собирот на ДУИ во Чаир, многубројни пораки за единство, помирување и обединување, за интеграцијата во ЕУ, за визијата на лидерот на партијата Ахмети, за иднината на Косово, но и за судбината на казината во земјава. Првиот човек на интегративците беше придружуван од собранискиот спикер Џафери, првиот вицепремиер Груби и шефот на дипломатијата Османи.
Од „Огнената група“, велат дека не биле поканети на партискиот собир. Сепак, Груби во обраќањето побара обединување и единство, додавајќи дека сите заедно треба да ги згуснат патиштата на ДУИ за интересите на нацијата, а не на поединецот, затоа што ДУИ е на сите, а не на малкумина. На возот не може да му се застане на патот, порача Груби. Ахмети пак, „возот“ го замени со „ураган“.
„Зборував со многу политички лидери, ви кажав да ги оставите на страна гневот и незадоволството, да се обединиме и да ја направиме оваа земја Европа, бидејќи членството на нашата земја во ЕУ е најголемата услуга што можеме да им ја направиме на албанските семејства, со запирање на емиграцијата. Патот кон ЕУ не се запира со пропаганда, затоа Артан, ние не сме воз туку незапирлив ураган, не дозволувајте ураганот да ве прегази“, изјави Али Ахмети - претседател на ДУИ.
Коментирајќи го митингот на ДУИ во Чаир, во дебатата на една телевизија, Изет Меџити, рече дека се изненадувачки ваквите изјави. Појасни дека групата на незадоволни е своевидна фракција во ДУИ и дека саркастичните изјави на Ахмети, кои ги нарече закани, не и служат на партијата и на самиот Ахмети.
„Тој не даде такви изјави ниту на Мендух Тачи, кога се обиде да му изврши атентат, ниту на оние кои на прес-конференција го прогласија за тешко болен. Тој не им го правеше тоа ни на противниците, не ми е јасно зошто им го прави тоа на синовите. Каде одите со овој ураган? На сопствените синови? На оние кои му служеа 20 години? “, изјави Изет Меџити – потпретседател на ДУИ.
Меџити уште еднаш се спротивстави на влезот на Алијансата за Албанците во Владата, тврди дека ова не поминало ниту кај органите на ДУИ и дека партијата е таа што изгубила најмногу од ова ново партнерство.
Милчо Велески
