Јубилеј

Одбележани сто години од раѓањето на Ацо Шопов

21.03.2023 12:42

Денеска се одбележува стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов. Во седиштето на УНЕСКО во Париз, целодневна програма во чест на великанот на македонската лирика. Настанот е дел од националната програма „2023 – година во чест на Ацо Шопов“ под покровителство на претседателот Стево Пендаровски…

„Задачата на уметникот отсекогаш била да поставува критички прашања во светот и за светот и во времето во кое живее. Книжевниот корпус на нашиот великан Ацо Шопов е парадигма за тоа дека поезијата и севкупната уметност не припаѓа само на естетското, туку е длабоко вкоренето во етичкото и хуманото. Ацо Шопов е еден од основачите и прв претседател на Струшките вечери на поезијата, како наша прва и до денес жива поетска република“, изјави претседателот Пендаровски на симпозиумот во Париз по повод 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов и 30 години од членството во УНЕСКО.

„За Шопов, поезијата помага во исцртување на контурите на човековата иднина како огромно поле за слободно манифестирање на сите негови духовни способности во постојан натпревар со себеси и со другите. Според него, поезијата не е само естетско доживување туку и конкретен активен однос и етички став кон битните проблеми на животот. Како свест и совест на општеството, поетот не смее да молчи пред системските неправди. Со моќта на зборот, поетот мора контракултурно, дури и контраверзивно да критикува и да еманципира“, нагласи претседателот Пендаровски.

„Тука сме за двојна прослава на Меѓународниот ден на поезијата и на 100-годишнината од раѓањето на еминентниот поет Ацо Шопов. На овој пролетен ден ќе цитирам поема од Ацо Шопов: Ветерот носи убаво време што ја зголемува подготвеноста и отпорноста. Моќта на поезијата е голема и во тешки времиња“, рече Одри Азулеј-генерален директор на УНЕСКО.

Поети потсетија на вредностите што Шопов како поет ги донесе за светот. Најпрво како борец во Народно-ослободителната борба за создавање на модерната македонска држава, а потоа и како основач на македонската книжевност.

„Постојат периоди во историјата на народите, кога поетот не само што ги изразува стремежите на колективот, туку на еден симболичен начин ја споделува својата судбина, со судбината на својата земја, на својот народ. Тоа важи многу често за поетите од Балканот, а можеби и на целата Источна Европа. Нашата земја го беше нашла во еден исклучителен миг својот поетски израз во личноста на поетот Ацо Шопов“, изјави писателот Влада Урошевиќ.

Ацо Шопов ќе се помни и како еден од првите членови на МАНУ и претседавач на Струшките вечери на поезијата во 1962-та.

Ирина Гелевска