Пациентот со овчи сипаници, хоспитализиран на Детската клиника, немал контакт со други деца
Пациентот заразен со овчи сипаници, хоспитализиран на Детската клиника воопшто не бил третиран во одделот за интензивна терапија, а поради осипот кој укажувал на варичела, при приемот веднаш бил изолиран, смируваат од болницата, откако се создаде паника за проширување на болеста...

17-годишен пациент, заразен со овчи сипаници, а хоспитализиран на Детската клиника, немал контакт со другите деца во болницата. Воопшто не бил третиран во одделот за интензивна терапија, а поради осипот кој укажувал на варичела при приемот веднаш бил изолиран – уверува директорката, откако во јавноста се создаде паника дека постои можност, за проширување на заразата на другите тешко болни деца.
„Комплетна дезинформација е дека било на интензивна нега и терапија, директно е примено на одделот. Се работи по сите протоколи за контактна изолација за заштита од инфекции, себе и околината, сестрата влегува со мантил, со визир, со маска, со ракавици. Сите протоколи се запазени и нема никаква опасност од ширење на инфекцијата“, изјави д-р Стојка Нацева Фуштиќ, директор на Клиниката за детски болести.
Детето е во многу тешка состојба, има 15 килограми и е на респиратор. Биле повикани доктори од Клиниката за инфективни болести, но таму не сакаат да го примаат, со образложение дека не се во можност да постават пациент на механичка вентилација со таа тежина, велат за МТВ од инфективна.
„Ние не можеме да го оставиме пред Клиника. Инфективна клиника е таа што ги лекува осипните сипаници, дали е оштетено дете или станува збор за нешто друго, тоа е нивна обврска. Нивниот изговор беше дека немаат машина толку мала за интубирање, меѓутоа ние ќе им ја дадевме машината ако го прифатеа“, вели д-р Стојка Нацева Фуштиќ.
Засега на Детската клиника нема хоспитализирано други пациенти со овчи сипаници. Заразната варичела најчесто се јавува кај децата, се пренесува по орален пат или со контакт преку кожа. Инкубацијата е од 10 до 20 дена.
Андријана Ѓурческа
