Струшки вечери на поезијата

Влада Урошевиќ добитник на „Златен венец“ за 2023-та година

21.03.2023 13:48

Претседателката на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, Елизабета Шелева која го соопшти добитникот на „Златен Венец“, рече дека името на Влада Урошевиќ е синоним за страствен вљубеник во писмото, искрено посветен на заводливата магија на книжевното создавање и наспроти сите искушенија на современието, непоколебливо верен на словото.

Македонскиот писател и поет Влада Урошевиќ е добитник на главната награда на Струшките вечери на поезијата „Златен венец“ за 2023 година, додека ирскиот поет Гевин Бредли за неговата стихозбирка „Страв од разделба“ е добитник на наградата „Мостови на Струга“ за најдобра меѓународна дебитантска поетска книга.

Претседателката на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, Елизабета Шелева која го соопшти добитникот на „Златен Венец“, рече дека името на Влада Урошевиќ е синоним за страствен вљубеник во писмото, искрено посветен на заводливата магија на книжевното создавање и наспроти сите искушенија на современието, непоколебливо верен на словото.

Според неа, Урошевиќ остана доследен и не само во нашата литература, препознатлив по креативниот спој на фантастиката и надреализмот што ги негува во своите бројни авторски записи, но и во неуморните читатлски авантури, проткаени со истражувачко љубопитство и траен афенитет кон овие две сродни области.

Гевин Бредли е ирски поет, кој од 2012 година се сели и живее и пишува во Канада, каде што работи како помлад предавач по палеонтологија на Универзитетот на Алберта. Бил објавуван на двете страни на Атлантикот, а неговата поезија била вклучена и во Антеологијата на најдобри британски и ирски поети во интервалот меѓу 2019 и 2021 година.

Добитниците на наградите беа прогласени на денешниот настан организиран од Струшки вечери на поезијата, Македонскиот ПЕН Центар, Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ што се одржа во просториите на библиотеката, по повод 21 Март - Светскиот ден на поезијата и јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.