Експлозија на Крим уништени руски ракети
Голема експлозија на Крим. Уништени крстосувачки ракети наменети за руската црноморска флота, тврди Киев. Денеска втора рунда разговори меѓу рускиот и кинескиот претседател Путин и Џингпинг. Јапонскиот премиер Кишида во ненадејна посета на Украина...

Втор ден од посетата на кинескиот лидер во Москва. Економските односи-главна тема на продолжените разговори Џинпинг-Путин. Се очекува и потпишување договори за проширување на „сеопфатното партнерство“ и „стратешката соработка“. Пред разговорите во Кремљ, Џинпинг се сретна со премиерот Мишустин.
„За време на мојата посета овој пат, претседателот Путин и јас сеопфатно ќе ги разгледаме достигнувањата во развојот на нашите билатерални врски. Во наредниот период ќе го направиме и планот за соработка“, изјави шји Џинпинг – претседател на Кина.
Вчерашната четири и полчасовна средба на двајцата лидери портпаролот на Кремљ ја оцени како темелна размена на мислења, но се воздржал од давање какви било детали.
„Беше многу темелна размена на мислења, сериозен разговор во неформален дел. сега нема да давам никакви оценки, да ги чекаме изјавите за медиумите од двајцата шефови на држави“, рече Дмитриј Песков-портпарол на рускиот претседател Владимир Путин.
Улогата на Пекинг како миротворец наиде на скептицизам кај западните лидери. За САД посетата е дипломатско покривање на Путин, на што реагираше Кина.
„Кина не е ниту креатор, ниту страна во украинската криза, ниту има обезбедено оружје за која било страна во конфликтот“, изјави Ванг Венбин – портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина.
Паралелно со разговорите во Москва, во Киев, ненадејна посета на јапонскиот премиер Фумио Кишида. На средбата со Зеленски одлучно ја отфрли руската агресија врз Украина. На терен, жестоките битки во Бахмут не престануваат. Украинските сили тврдат дека источниот град Авдивка наскоро може да стане „втор Бахмут“. Зеленски најави нова воена помош од Европа и САД.
„Нашите европски партнери се договорија за итна испорака и производство на муниција. Од САД добивме ракети „химарас“, артилерија и друга муниција, ова е стратешки чекор“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Украинската одбрана соопшти дека успеале да го уништат рускиот товар со крстосувачки ракети „калибар“, кои се транспортирале со воз од окупираниот Крим. Руски авиони, пак, пресретнале два американски бомбардери над Балтикот.
Бојана Крстевски
