Париз

50 години на најстариот активен лекторат по македонски јазик во светот ќе се чествуваат на престижниот ИНАЛКО во Париз

22.03.2023 10:14

Две тркалезни маси на Симпозиумот ќе му бидат посветени и на творештвото на великанот на македонската литература и култура, Ацо Шопов – 50 години Лекторат по македонски јазик на ИНАЛКО во светлината на 100 години од раѓањето на Шопов...

Значајниот јубилеј за македонистиката и за македонската држава и култура – 50 години од отворањето на најстариот активен лекторат по македонски јазик во светот – Лекторатот по македонски јазик во Париз, утре ќе се чествува со голем меѓународен симпозиум на престижниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО). На симпозиумот ќе има учесници од седум држави – странски македонисти и слависти, универзитетски професори – лингвисти, книжевни истражувачи и културолози, книжевни преведувачи и поети. Почитувачи на македонскиот јазик, литература и култура од Франција, САД/Канада, Шпанија, Полска, Сенегал и Тунис, заедно со македонските учесници  ќе ја испратат пораката дека по оствареното во изминатите педесет години, со јасна цел и визија, вложувањата во македонистиката треба да продолжуваат во годините што следат.

Две тркалезни маси на Симпозиумот ќе му бидат посветени и на творештвото на великанот на македонската литература и култура, Ацо Шопов – 50 години Лекторат по македонски јазик на ИНАЛКО во светлината на 100 години од раѓањето на Шопов. Со нив ќе продолжи и чествувањето на делото на Шопов во Париз, по повод големиот јубилеј, кое вчера, на Светскиот ден на позијата започна во седиштето на УНЕСКО, но и воопшто меѓународната афирмација на неговото творештво во текот на јубилејната година, која започна со Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ. Најавено е учество и на видните странски македонисти и универзитетски професори, Кристина Е. Крамер од САД/Канада и Маќеј Кавка од Полска, долгогодишни учесници на Меѓународната научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ и преведувачи на поезијата на Шопов. Покрај нив, на тркалезните маси ќе учествуваат и професорот Жорж Алао од ИНАЛКО – Франција, Дауда Ндиај од Сенегал,  Хозе-Мариа Паз-Гаго од Шпанија, Џамила Межри од Тунис и Тања Кармзова од Франција.

Во овој дел на сипозиумот ќе учествуваат и академиците од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Влада Урошевиќ и Катица Ќулавкова, која е и некогашна лекторка по македонски јазик на ИНАЛКО, како и ќерката на Шопов и истражувач на неговото дело, Јасмина Шопова.

Во чест на јубилејот 50 години Лекторат по македонски јазик, на ИНАЛКО ќе се одржи и концерт на македонска народна музика, на француската македонистка и музичкарка, Гаел Лекок и Анета Жорж, пејачка и композиторка, професорка на Американската школа за модерна музика во Париз (вокал, кавал и тамбура). Со овој концерт и со посветеноста и на делото на Шопов на Симпозиумот, на ИНАЛКО, преку ова чествување ќе се оствари влог и во афирмацијата и поттикнувањето поширок интерес за македонските книжевни и културни вредности воопшто.

Поддржувачи на организацијата на Симпозиумот се и МАНУ и Фондацијата „Ацо Шопов Поезија“.

Организацијата на овој Симпозиум е и влог во иднината на странската македонистика и особено во иднината на изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура на ИНАЛКО.

 

 

*Фото: МСМЈЛК