Изложба во Кунстхале Виена со дела од вредната колекција на Музејот на современата уметност – Скопје
Во престижниот простор Кунстхале Виена/Kunsthalle Wien Museumsquartier (кој е дел од Музеум Квартиер) еден од најголемите европски културни центри, на 20 април ќе биде отворена изложбата – „No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“. За првпат, во Виена ќе биде претставена селекција на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност – Скопје. Ова големо претставување е резултат на соработката помеѓу двете уметнички институции МСУ – Скопје и Кунстхале Виена...

Во престижниот простор Кунстхале Виена/Kunsthalle Wien Museumsquartier (кој е дел од Музеум Квартиер) еден од најголемите европски културни центри, на 20 април ќе биде отворена изложбата – „No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“.
За првпат, во Виена ќе биде претставена селекција на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност – Скопје. Ова големо претставување е резултат на соработката помеѓу двете уметнички институции МСУ – Скопје и Кунстхале Виена. Изложбата е курирана од уметничките директори на Кунстхале Виена, кураторскиот колектив What, How & for Who/WHW (Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ).
Кураторките поканија 4 меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која ќе воспостават дијалог помеѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност.
Од вкупната уметничката колекција на МСУ, која брои над 5.500 дела, во Виена ќе бидат изложени 94 дела и околу 50 дела од современите уметници, вклучени во овој проект.
Од колекцијата на МСУ, за Виена патуваат дела од: Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Кристо и Жана-Клод, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шеила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Гетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени и многу други.
Концептот и насловот на изложбата, кураторките тесно го поврзуваат со тоа како се градеше уметничката колекција на МСУ. По катастрофалниот земјотрес во 1963 година во Скопје, покрај големата материјална штета и многуте човечки жртви, Обединетите нации и Меѓународната асоцијација на уметници, сметаа дека и културата е клучна алка во подигнувањето на духот на скопјани. Затоа, иницираа повик до светски познатите уметници да донираат дела. Бројните донации на уметнички дела направија МСУ да стане симбол на солидарноста, која денес е трајна вредност во колективната меморија на македонската јавност.
Дел од изложбата ќе содржи и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и архивата на МСУ. Тоа значи дека во една од европските метрополи и најпознати уметнички центри ќе бидат афирмирани и драгоцената збирка на МСУ и градот Скопје. На изложбата ќе бидат претставени и 5 архитектонски макети на постземјотресно Скопје, дел од збирката на Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков.
Изложбата во Кунстхале Виена ќе биде отворена до 28 јануари 2024 година.
