Продолжува обновата на манастирот во Мала Речица

08.05.2014 10:29

Привршува обновата на манастирскиот комплекс Свети Ѓорѓија во тетовска Мала Речица, кој беше опожарен во 2001 година. Наскоро се очекува да се одржи чинот на осветување. Со ова продолжува и старата традиција – тетовци Ѓурѓовден да го прослават во Речица...

Црквата во манастирскиот кломплекс во тетовска Мала Речица посветена на Свети Ѓорѓија, како православно светичиште датира од 13 и 14 век. До сега неколку пати била рушена и опожарувана. Нејзината обнова која започна во 2010 година привршува.

„Овој манастир е срцето на градот. Многу го сакаме сите и многу ни значи. Ја користам оваа прилика да ги поканам верниците колку што можат несебично да донираат во изградбата на манастирот. И самите гледате дека има доста работи за да се средат“, изјави Мирче Деспотоски – Член на Цековен одбор.

Во конакот во дворот на манастирот е изградена и трпезарија. Митрополитот тетовско – гостиварски г. Јосиф по средбата со членовите не Црковниот одбор очекува наскоро да се одржи чинот на осветување.

„Со Црковниот одбор веќе закажавме средба. Се надевам дека набрзо и официјално ќе закажеме светење на овој манастир, но за датата дополнително ќе ве информираме сите“, изјави г. Јосиф – Митрополит тетовско – гостиварски.

Продолжува и старата тардиција за Ѓурѓовден тетовци да бидат во Речица. Годинава имаше најголема посетеност откако започна обновата на ова светелиште.

„Оваа година е најмногу посетено од сите години до сега. Има многу народ. Традиција е тешко да се згасне, таа само се продолжува“, велат верниците.

Манастирот Свети Ѓорѓија во тетовска Мала Речица последен пат е запален во 2001 година. Обновата сеуште трае со помош на верниците, но и локалното население.

 

Зоран Јованоски