Обид за бегство

Обвинителството оформи предмет за тунелот во „Идризово“

22.03.2023 12:38

Обвинителството оформи предмет за ископаниот тунел во затворот „Идризово“. Се преземаат дејствија, се проверуваат околностите. Истрагата треба да покаже, дали и вработени лица им помагале на затворениците…

Јавното обвинителство отвори предмет за копањето тунел во казнено-поправниот дом „Идризово“. Оттаму велат дека по службена должност е извршен увид и постапката е во тек.

„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид во КПД „Идризово“ – Скопје. Во предметот се преземаат дејствија и се вршат проверки за испитување на околностите“, соопштуваат од Обвинителството.

Од Управата за извршување на санкции не сметаат дека промената на директорот на КПД „Идризово“ е доволна. Очекуваат истрагата да се прошири и на останатите вработени, бидејќи станува збор за акција која се одвивала подолг период, во која материјалните докази т.е. ископаната земја, се криеле организирано и во која се инволвирани повеќе лица.

По смената на директорот на „Идризово“, Шпенд Тахири, Алтернатива од чии редови тој доаѓа, со реакција дека неговото разрешување е политичка одлука. Нарцисите од династијата на ДУИ и недостојните за договори од СДСМ, очигледно се алергични на критики – се вели во партиското соопштение.

Акцијата во затворот „Идризово“, што резултираше со откривање на тунел за бегство на затворениците, е токму резултат на ангажманот на директорот на Алтернатива, велат од партијата.

По добиените криминални сознанија пропадна планот налик на филмско сценарио, бегство на десетина доживотни затвореници, преку тунел долг 60 метри.

Марина Стојанова-Тонева