Бајден одликуваше десетици познати Американци
Мноштвото уметници и општественици му се придружија на Бајден во „Источната соба“ на Белата куќа за да ги добијат националните медали...
Претседателот на САД, Џо Бајден вчера им додели национални медали на повеќе познати личности за нивниот придонес во американското општество. Меѓу нив се рокерот Брус Спрингстин, глумицата Џулија Луис-Драјфус, историчарот Волтер Ајзаксон и писателката Ејми Тан.
При одликувањето на Спрингстин со Националниот медал за уметности, имајќи ја предвид песната на Спрингстин, „Born to Run“, Бајден рече: - Брус, некои луѓе се просто родени да трчаат, човеку!
Мноштвото уметници и општественици му се придружија на Бајден во „Источната соба“ на Белата куќа за да ги добијат националните медали. Комичарката Џулија Луис-Драјфус, чија ТВ-серија „Потпретседателот“ фрли нови погледи на потпретседателството - функција што некогаш ја имаше и Бајден, исто така беше почестена.
Одличје доби и глумицата Минди Калинг, една од главните ликови на долгогодишната ТВ-серија „Канцеларија“ (The Office), чијашто приказна беше сместена во родниот град на Бајден - Скрентон, Пенсилванија, САД.
Почестени беа и пејачката Гледис Најт, модната дизајнерка Вера Ванг, писателите Ен Пачет и Тара Вестовер, меѓу другите.
