Бесплатен посебен транспорт за стари лица и лица со попреченост од Кисела Вода
Корисникот со живеалиште во општина Кисела Вода, кој има потреба од превоз, може да се јави на телефонскиот број 02/15330, во Контакт центарот на Црвениот крст, секој ден во текот на 24 часа, преку кој однапред би го закажал својот термин за превоз до одредена институција...

Кисела Вода е првата општина каде повозрасните лица, лицата со попреченост или со потреба од придружник за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга, добиваат бесплатен превоз до потребната институција. Ова го содржи договорот потпишан од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и секретарот на Црвен крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска.
„Со повикување на еден телефонски број, тие можат да добијат бесплатен превоз до потребната институција за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга. Транспортот се врши во работни денови од понеделник до петок од 08:00 до 16:00 часот и се закажува 24 часа однапред. Притоа, Општина Кисела Вода ги обезбеди финансиските средства за услугата, а Црвениот Крст на користење ги става своите возила и човечките ресурси“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Корисникот со живеалиште во општина Кисела Вода, кој има потреба од превоз, може да се јави на телефонскиот број 02/15330, во Контакт центарот на Црвениот крст, секој ден во текот на 24 часа, преку кој однапред би го закажал својот термин за превоз до одредена институција, по принципот на временски редослед на закажување. Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација, и назад. Термин за превоз се закажува минимум 24 часа однапред, по принципот на прв дојден-прв услужен. Едно лице има право на бесплатен превоз во еден правец максимум 4 пати во текот на 1 година.
„Во моментот располагаме со четири возила. Нашата интенција е веќе наредната година да имаме две дополнителни возила и искрено се надеваме дека поддршката од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, како претседател на ЗЕЛС ќе ни овозможи мотивација на другите луѓе кои се одговорни и се носители на одлуки, па заеднички да го зголемиме возниот парк и веќе наредната година дополнителните две возила да ги ставиме на располагање, што пак значи дека многу поголем број на корисници ќе имаат услуга до овој социјален сервис“, изјави секретарот на Црвен крст на Град Скопје Сузана Тунева Пауновска.
Претседателот на Здружението на пензионери на Кисела Вода кој присуствуваше на потпишувањето на договорот ја нагласи одличната соработка што ја имаат со Општина Кисела Вода и градоначалникот Ѓорѓиевски и го истакна бенефитот кој тие го имаат од вака договорената соработка помеѓу двете институции.
