Култура

Бесплатна претстава во МНТ по повод Светскиот ден на театарот

22.03.2023 14:19

Претставата „Само глас“ раскажува приказна за силна, храбра и талентирана жена која преку ниска постапка го доживува најпонижувачкиот момент во животот, борејќи се за сопствениот идентитет.

Македонскиот народен театар по повод Светскиот ден на театарот ги отвора своите врати за љубителите на театарската уметност.

По тој повод во понеделник на 27-ми март, со почеток во 20 часот, на сцената на МНТ ќе биде изведена претставата „Само глас“ на Нина Плавањац која посетителите ќе можат да ја гледаат бесплатно. Режијата на претставата е на Марјан Нечак, а ја играат првенците на МНТ, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски со снимен глас, и балетскиот уметник Дејан Битровски.

Претставата „Само глас“ раскажува приказна за силна, храбра и талентирана жена која преку ниска постапка го доживува најпонижувачкиот момент во животот, борејќи се за сопствениот идентитет.

Позната е само „Таа“ бидејќи во нејзината личност се измешани повеќе архетипови-на ќерка, жена, љубовница, ѕвезда, протагониостка и антагониостка.

Пред почетокот на претставата ќе бидат прочитани Светската порака за денот на театарот од египетската актерка Самиха Ајуб, и македонската порака од актерката Теута Ајдини-Јегени.

 

*Фото: МНТ