Украина

Самит во Брисел додека борбите се разгоруваат

23.03.2023 09:41

Додека се разгоруваат борбите во Украина, во Брисел почнува дводневниот самит на европските лидери за итно зголемување на военото производство и испораки на муниција во Украина...

Додека се разгоруваат борбите во Украина, во Брисел почнува дводневниот самит на европските лидери за итно зголемување на военото производство и испораки на муниција во Украина. На состанокот преку видеоконференција учествува и претседателот Зеленски. Во меѓувреме, Москва се закани дека со испораките на западно оружје во Украина се приближуваат кон нуклеарна апокалипса.

Доколку Британија испорача гранати со осиромашен ураниум, изјави Путин, Русија ќе биде принудена соодветно да реагира. На терен, се разгорува битката во Бахмут. Единицата Вагнер тврди дека за само 24 часа успеала да напредува во сите правци и дека моментално контролира 70 насто од градот.

Во ноќното обраќање украинскиот претседател Зеленски изјави дека ќе возврати на сите руски напади откако синоќа загинаа најмалку седум лица од руски дрон во регионот на Киев и откако станбена зграда во градот Запорожје беше погодена од руски проектил. Шефот на нуклеарната агенција, Гроси, изјави дека ситуацијата во украинската електрана „Запорожје“ останува сериозно опасна и повторно ги повика сите страни да се посветат на осигурување безбедност и заштита на објектот.