Вип со повеќе корисници, а помалку приходи во првиот квартал од годинава

08.05.2014 11:54

Пазарниот удел на операторот порасна до 28% во првиот квартал од оваа година, соопштуваат од компанијата...

Во текот на првото тромесечје од 2014-тагодина операторот Вип ја зголеми својата база на договорни претплатници за 13% споредено со истиот период минатата година, кои сега сочинуваат половина од корисничката база на Вип. Со тоа, пазарниот удел на операторот порасна до 28% во првиот квартал од оваа година, соопштуваат од компанијата.

Приходите забележаа пад од 12% за првиот квартал од 2014, споредено со минатата година, како последица од пониските малопродажни цени и цените за интерконекција.

Заработката пред камати, оданочување, депресијација и амортизација - ЕБИТДА се подобри и изнесува 2,5 милиони евра, како резултат на поголемата ефикасност и пониските трошоци. Следствено, оперативната добивка е позитивна во споредба со негативниот износ од првиот квартал од 2013-та, што претставува предуслов за континуирани инвестиции на македонскиот пазар.

„Трендот на опаѓање во индустријата ја наметнува потребата за целосно свртување кон корисникот и стекнување на неговата доверба и задоволство преку обезбедување на супериорно корисничко искуство и посветеност кон ветувањето на Вип -“Повеќе за вас!”. Растот на нашата база на договорни претплатници е силен доказ за нашата долгорочна определба да го ставиме корисникот на прво место, нудејќи му најдобра вредност и да бидеме оператор кој нуди најдобро корисничко искуство на овој значително конкурентен пазар. Инвестициите на Вип во иновации наскоро ќе донесат нова брзина и нови возбудувања за нашите корисници со 4G LTE“, изјави Никола Љушев, главен извршен директор на Вип.