Квалификации за ЕУРО 2024, македонските фудбалери ја пречекуваат Малта
Македонските фудбалери на овој дуел влегуваат како фаворити и се надеваат на три бода на стартот во квалификациите...
Македонската фудбалска репрезентација е домаќин на Малта во првиот натпревар од новиот квалификациски циклус за ЕУРО 2024. Македонските фудбалери на овој дуел влегуваат како фаворити и се надеваат на три бода на стартот во квалификациите.
„Секако дека анализите кои ги правевме се од последните четири натпревари на Малта, но тоа не мора ништо да значи дека така ќе биде на следниот дуел затоа што имаат нов селектор, но играчите се тие. Се работи за квалитетна репрезентација, со квалитетни индивидуални карактеристики на играчите. Имаме максимален респект кон противникот, но ќе нагласам дека сето она кое ќе се случува на натпреварот зависи во најголема мера од нас самите. Кога ги гледам момците како изгледаат, повеќе од уверен сум дека ќе тргнеме успешно во овие квалификации. Ама, во денешниот фудбал фаворити не постојат, ќе мора да се вложиме максимално за успех“, изјави селекторот на репрезентацијата, Благоја Милевски.
Капитенот Стефан Ристовски посакува победа за зголемувањето на самодовербата пред средбите со посилните репрезентации.
„Се работи за една од потешките групи во овие квалификации, но низ целиот циклус се носевме ние со повреди и не бевме комплетни. Ние сме селекција која за жал нема голема ширина на играчи, но ете, драго ми е што сме сите тука моментално и се надевам дека низ целата година ќе бидеме здрави. Тоа е и најважно. Доволно се знаеме и сме искусни во оваа репрезентација. Кажав доста пати дека сите ривали се исклучително квалитетни репрезентации, тука се фаворитите за европската титула Англија и Италија, исто така и Украина која располага со одлични резултати. Одиме чекор по чекор, имаме добар распоред и ако отвориме со Малта на добар начин, ќе добиеме ветер во грбот за следните натпревари“, изјави Ристовски.
Натпреварот ќе се игра вечер од 20:45 часот на Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје, а преносот е на МРТ1.
*Фото: ФФМ
