Москва: Испорачувањето на странско оружје во Украина е приближување кон нуклеарна апокалипса
Кремљ со критика до британскиот план за испорака на гранати со осиромашен ураниум. За министерот Лавров-таквите чекори доведуваат до очигледна ескалација. Белата куќа ги отфрли руските закани. На терен, продолжуваат борбите за освојување на стратегискиот град Бахмут...

Додека европските лидери во Брисел разговараат за итното зголемување и испорака на воена помош во Украина, во земјата борбите се разгоруваат. Москва се закани-испорачувањето на странско оружје во Украина е приближување кон нуклеарна апокалипса.
„Помина ли заканата од нуклеарен конфликт? Не, не помина. Се зголеми. Секој ден кога се доставува странско оружје во Украина, сè поблиску сме до нуклеарна апокалипса. Имам чувство дека до одреден момент тие не веруваа и не ја видоа решеноста на Русија“, изјави Дмитриј Медведев, заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија.
Претходно Путин го критикуваше британскиот план за испорака на гранати со осиромашен ураниум. Шефот на руската дипломатија изјави дека таквите чекори ќе доведат до значителна ескалација.
„Ние се придржуваме до меѓународните закони за водење војна. Ние имаме своја воена доктрина. Како што рекоа претседателот и министерот за одбрана, ќе мора да земеме предвид дека нашите британски колеги ја доведуваат оваа ескалација во нова, многу сериозна фаза“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Белата куќа ги отфрли руските закани.
„Не правете грешка, ова е уште една фарса на со која русите си го зголемуваат влогот. Овој вид муниција е прилично вообичаена, се користи со децении. Она што навистина се случува овде е што Русија едноставно не сака Украина да продолжи да ги вади своите тенкови и да ги прави нефункционални“, изјави Џон Кирби, портпаролот на советот за национална безбедност на САД.
На терен-огласени сирени низ целата земја. Жестоки битки се водат за Бахмут. Единицата Вагнер тврди дека за само 24 часа успеала да напредува во сите правци и моментално контролира 70 насто од градот. Зеленски на линијата на фронтот. Од Бахмут ја охрабри својата војска.
„За мене е чест да ги поддржувам нашите воини кои ја бранат земјата во најтешките услови на фронтот. Доделив државни награди, им се заблагодарив за храброста и издржливоста, за Украина – која ја чуваме благодарение на таквите херои што се борат против руското зло“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.
По руските напади врз Запорожје, шефот на нуклеарната агенција повторно ги повика сите страни да се посветат на осигурување безбедност и заштита на објектот.
„Се обидувам да воспоставам некаков договор за заштита на фабриката од напади. Ситуацијата останува сериозно опасна. Знаете дека имаше оштетувања и дека нуклеарката ја губи функцијата за ладење, а тоа може да предизвика и топење на реакторите“, вели Графаел Роси, шеф на Меѓународната агенција за атомска енергија.
Украинското обвинителство соопшти дека регистрирало над 72.000 воени злосторства од почетокот на руската воена агресија врз Украина. Повика на формирање специјален трибунал за руските злосторства. Минатата недела, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Путин. За Москва таквиот чекор би значел објавување на војна.
Бојана Крстевски
