Ковачевски: Не е точно дека пратеници од мнозинството нема да гласаат за уставните измени
За премиерот, секоја политичка партија која е за патот на Македонија кон Европската унија има обврска да гласа за уставните измени...

Нема вистина во тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека пратеници од владејачката коалиција нема да гласаат за уставните измени, вели премиерот Ковачевски. За него, секоја политичка партија која е за патот на Македонија кон Европската унија има обврска да гласа за уставните измени.
„Тоа што го кажува опозицијата нема никаква реална основа. Тоа е единствено одговор на промашените тези коишто ги имаа токму коишто ги кажав и немајќи сега што да кажат велат дека сега има други пратеници. Тоа не е точно“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање.
Во однос на уставните измени, премиерот Ковачевски рече дека овој процес не може да биде процес на уцени и на дневна политика, туку напротив овој процес треба да биде процес на широк, општествен и политички консензус кој нема да биде предмет на дневни прес-конференции.
„Во однос на уставните измени јас ќе го повторам тоа што сум го кажал и досега. Уставните измени се обврска на секоја политичка партија којашто е за зачленување на нашата држава во ЕУ. Амандманите коишто се дел од преговарачката рамка и коишто се дел од одлуките кои треба да се донесат со две третини во Собранието се само една од одлуките кои се носат со двотретинско мнозинство“, рече Ковачевски.
До зачленување во ЕУ, како што повтори премиерот, на нас ни претстои реформа на правосудниот, обвинителскиот систем, реформа на јавната администрација, реформа на децентрализацијата и се тоа се одлуки коишто се носат со две третини.
Ковачевски нагласи дека овој процес не може да биде процес на уцени, не може да биде процес на дневна политика, туку напротив, овој процес треба да биде процес на широк, општествен и политички консензус.
