Бербок: Германија е силен поддржувач на македонските евроинтеграции
Германската министерка за надворешни работи, во однос на уставните измени. ги охрабри сите партии и учесници да ги искористат расположливите средства, за процесот да може да продолжи во следните месеци...

Германија е силен поддржувач на македонските евроинтеграции. Направените отстапки и компромисите не беа лесни, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, која е во посета на земјава по покана на министерот за надворешни работи.
„Понекогаш е важно да го процените моментот во кој се наоѓате, за да ги придвижите работите. Мислам дека сега станува збор за еден ваков момент. Во однос на промената на Уставот, ние заедно како Европска унија ветивме, дека чекорот треба да се направи, да се направат уставните измени за да може процесот да започне, да се отворат преговарачките кластери за С. Македонија конечно да може да стане членка на Европската унија“, нагласи германската министерка Бербок.
Во однос на уставните измени, министерката Бербок ги охрабри сите партии и учесници да ги искористат расположливите средства, за процесот да може да продолжи во следните месеци.
Според шефот на дипломатијата, Бујар Османи, за земјава нема друга алтернатива, ниту географска, ниту политичка, ниту економска, ниту историска … Вели дека сега е време да се создаде кредибилитет и заеднички да се оди напред кон комплетирање на проектот Европска унија.
Германската министерка за надворешни работи ќе има средби и со државниот врв, но и со лидерот на опозицијата Мицкоски.
