Франција

Масовни штрајкови и протести во Франција против пензиската реформа

23.03.2023 13:33

Откажани летови, запрен железничкиот сообраќај, засилени безбедносни мерки. Франција на нозе. Синдикатите за денеска најавуваат најмасовни протести против пензиските реформи. Макрон се правда – реформите беа неопходни за опстојување на економијата во земјата...

Во државната железница СНЦФ, сообраќајот на возовите е сериозно нарушен, така сообраќа секој втор TGV, во регионалниот сообраќај секој трет, но ова е во просек. На некои линии воопшто нема возови. Слично е и во париското метро. Една третина од летовите од аеродромот „Орли“ е откажана, а додека на другите аеродроми секој петти лет. Изутринава демонстранти го блокираа терминалот 1 на Шарл де Гол Роаси. Во образовните установи се очекуваат меѓу 40 и 50 отсто на штрајкувачи. Ѓубреџиите го продолжија штрајкот до 27-ми март, а само во Париз на улиците е оставено околу 9.000 тони на ѓубре. Блокирањето на депоата со гориво доведоа до недостиг на бензин или дизел во 15 отсто од бензинските станици.

Очигледно е дека интервенцијата на претседателот Емануел Макрон, не ги убеди Французите.

„Се надевам дека луѓето ќе се разбудат, и тие што не беа на улица ќе ни се приклучат и да му речат на Макрон дека не ја сакаме неговата реформа и дека не го сакаме неговиот начин на владеење“.

Синдикатите сè уште поостри кон претседателот Макрон. Лоран Берже лидерот на нај умерениот и најброен француски синдикат ЦФДТ, со остри зборови го нападна Макрон, обвинувајќи го дека рекол „невистини, лаги, говор кој е виден како провокација. Обвинувањето против ЦФДТ, според него, од страна на претседателот, било „идиотско“, додавајќи дека никогаш не може да се воспостави дијалог со претходно делење на шлаканици.

Синдикатите, кои ги организираат денешните демонстрации, на кои според полициските служби се очекуваат околу 800.000 демонстранти ширум земјата, но пред сè властите стравуваат од силни нереди на маргините на демонстрациите. Имено, службите располагаат со информации дека се чувствува „востаничка-бунтовничка“ клима и расположение во земјата. Спонтаните собири во повеќе градови од пред една недела, секоја вечер, на која има многу млади и се пропратени со нереди, се подгреани до некаде и од насилничката интервенција на полицијата. Затоа, денес се мобилизирани 12.000 припадници на силите на редот, од кои дури 5.000 во Париз.

Денешниот ден ќе биде силен тест за разнишаната влада на Елизабет Борн, која преживеа во понеделникот со разлика од само девет гласа, но можеби и втурнување на Франција во нереди, како при демонстрациите на „Жолтите елеци“.

Тони Гламчевски