Уставни измени што поскоро, членството во ЕУ зависи од нас
Германија е силен поддржувач на македонските евроинтеграции, истакна германската министерка Бербок. Порача – уставните измени мора што поскоро да се изгласаат во Собранието. Македонскиот министер вели преземените обврски мора да се исполнат, членството во унијата зависи само од нас. Шефицата на германската дипломатија во земјава на средби со државниот врв и со опозицијата...

Уставните промени мора што побрзо да се донесат за да се отворат поглавја и земјата конечно да стане членка на ЕУ, порача германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. По средбата со Османи, истакна дека е потребна натпартиска коалиција во Собранието, да се седне на маса со опозицијата за исполнување на условот за продолжување на преговорите, за да може на нејзината следна посета во декември да се разговара за отворените поглавја.
„Во однос на промената на Уставот, ние заедно како Европска унија ветивме, дека чекорот треба да се направи, да се направат уставните измени за да може процесот да започне, да се отворат преговарачките кластери за С. Македонија конечно да може да стане членка на Европската унија“, нагласи германската министерка Бербок.
Министерот за надворешни Османи истакна дека продолжувањето на преговорите со ЕУ сега зависи само од нас и дека секој треба да понесе одговорност за завршување на внатрешните процедури.
„Сега е време да се создаде кредибилитет и заеднички да се оди напред кон консолидирање или комплетирање на проектот Европска Унија, притоа спречувајќи ги овие обиди за билатеризација коишто најмногу ја оштетуваа атрактивноста на Европската унија, а тоа има последици на нејзината моќ да го придвижи процесот напред“, изјави Бујар Османи.
Двајцата министри согласни дека со тешките отстапки, Македонија стана членка на НАТО, со што активно придонесува за регионалната и европската безбедност. Со претседавањето со ОБСЕ, земјава придонесува и за надминување на конфликтот во Украина, иако поради руското блокирање, ОБСЕ функционира без буџет.
Ирина Гелевска
