Политика

Потребен е консензус за уставните измени

23.03.2023 15:06

Уставните измени се обврска на секоја политичка партија која е за зачленување на Македонија во Европската унија, вели премиерот Ковачевски. Од ВМРО-ДПМНЕ повторно истакнаа дека овој собраниски состав нема мандат за менување на Уставот…

Премиерот Ковачевски со порака до опозицијата дека има промашени тези и дека нема пратеници од власта кои нема да гласаат за измените. Тие, посочува, се обврска на секоја партија која е за членство во ЕУ и целиот процес не смее да биде со уцени и дневна политика, туку е неопходен широк политички консензус.

Ниту сопствените пратеници не му веруваат на Ковачевски, деветмина од СДСМ не сакаат да гласаат за уставни измени, а еден од ДУИ бара пари за да гласа, велат во опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ има јасен став, дека промена на Уставот под бугарски диктат нема да прифати, и не знаеме дали Ковачевски има проблеми со слухот или халуцинации. Ковачевски само зборува на празно, без да ги решава суштински проблеми на луѓето.

Додека власта е убедена дека до крај на годинава уставните измени ќе бидат донесени со двотретинско мнозинство опозицијата останува на ставот дека се неизбежни предвремени избори, пред кои секоја партија треба да го каже својот став.

Миле Ристески