Светски ден за борба против туберкулозата
Туберкулозата претставува проблем и денес, иако звучи како болест од минатото. Бројот на случаи со туберкулоза во нашата земја континуирано опаѓа, но болеста сѐ уште е присутна...

Светскиот ден за борба против туберкулоза се одбележува секоја година на 24-ти март. Туберкулозата претставува проблем и денес, иако звучи како болест од минатото. Бројот на случаи со туберкулоза во нашата земја континуирано опаѓа, но болеста сѐ уште е присутна.
Најдобрата превентивна мерка е раното откривање и успешното лекување на секој болен од туберкулоза. Иако не постои сигурен начин целосно да се спречи ширењето на туберкулозата во овој момент, постојат голем број мерки што може да се преземат за да се намали ширењето на оваа болест. BcG вакцината штити од тешки форми на туберкулоза и е безбедна и ефикасна, особено за децата, велат од Министерството за здравство.
Според најновите податоци на Светската здравствена организација, во 2021 година се регистрирани 10.6 милиони случаи на заболени од туберкулоза, што е еквивалент на 134 регистрирани случаи на 100.000 жители за таа година.
Република Северна Македонија последните 15 години има континуиран пад на бројот на новозаболени со туберкулоза, каде од 2019 година припаѓа во групата на земји со ниска инциденца, што имаат помалку од 10 случаи на 100.000 жители,велат од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза.
