Европа

Силна мобилизација и радикализација на протестите против пензиските реформи во Франција

24.03.2023 11:05

Протестите против реформата на пензиите во Франција, собраа 1,08 милиони луѓе според Министерството за внатрешни работи – 3,5 милиони според синдикатот ЦЖТ. Протестите продолжија во вечерните часови со нереди и насилство. Вчера биле уапсени 457 лица, а повредени се 441 полицаец и жандарми. Синдикатите повикуваат на пауза во реформите на пензиите…

Французите жестоко му одговорија на претседателот Емануел Макрон и на неговата изјава за продолжување на оспоруваната реформа на пензискиот систем по „демократски пат“, како што вели тој. На улица излегоа околу 3,5 милиони Французи, иако полицијата виде само нешто повеќе од еден милион, но во секој случај ги имаше многу на улиците ширум земјата. Доказ дека социјалните протести не стивнуваат, туку напротив, се разгоруваат и радикализираат и се насочуваат против личноста на претседателот Макрон.

„Доста е, доволно зборувавме, тој не нè убеди. Емануел Макрон е надвор од реалноста, не знае повеќе каде е.“

„Ми наликува на Путин на неговите почетоци, полека воведува авторитаризам, се смета подобар од другите, мисли дека прави добро и ги има сите знаења, би рекол за доброто на населението.“

Всушност, целиот вчерашен ден и доцните вечерни часови поминаа во инциденти и судири на дел од демонстрантите со полицијата, особено во Париз, Руан, Рен. Така во Нант, демонстрантите ја искршија пријавницата на Управниот суд, во Лориан беше нападнатата полициската станица или Бордо каде што беше опожарена влезната порта на палата Роан, седиштето на општината.

Доволно е да се погледна насловите на францускиот дневен печат: „Републиката масовно, Враќање на пламенот, Гневот го запали Бордо, Пензии – улицата во против-напад, Мобилизација и насилство, Улицата наспроти власта – Крах, Каков народ!, Тонот се заострува“

Гостин на CNews во петокот наутро, министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин ја даде најновата оценка за нередите што се случија вчера за време на мобилизацијата против пензиската реформа. Во Париз се запалени 903 огнови на уличен мебел или канти за ѓубре, додека низ цела Франција биле уапсени 457, а повредени се 441 полицаец и жандарми. Тој ја обвинува крајната левица за радикализација на движењето, која според него сака да ги уништи институциите на републиката.

Генералниот секретар на ЦФДТ-најбројниот и најумерен француски синдикат Лоран Берже, за РТЛ ги осуди деградациите направени во четвртокот по повод деветтиот ден од мобилизацијата против пензиската реформа. „Сметам дека е ужасно“, рече тој.

„Кога ги напаѓаме симболите на Републиката, градското собрание, полициската станица, почнуваме да се напаѓаме еден со друг, жалам бидејќи тоа ја крие суштината на темата, социјалното прашање за реформата на пензиите, што го предизвика ова“, изјави Лоран Берже, генерален секретар на синдикатот ЦФДТ.

Берже не верува дека социјалното движење излегува од контролата на синдикатите, нагласувајќи ја големата толпа во мирните поворки.

„Повикувам на смирување, а како да го најдеме? Предлагам да има време за слушање, за дијалог, да ја ставиме во мирување пензиската реформа. Со реформирање на пензискиот систем пред ревидирање на условите за работа, ја ставаме количката пред коњот. Мораме да ги смириме работите сега, пред да дојде до трагедија“, додаде тој.

Иако синдикатите се надеваат на смирување, спонтаните вечерни протести и судири кои започнаа минатиот четврток во Париз и се проширија низ цела Франција, тешко дека ќе запрат наеднаш. Претседателот Макрон не им понуди ништо конкретно, напротив тој игра на картата на така наречено „гниење“ на ситуацијата и дискредитација на мобилизацијата пред очите на француската јавност.

Тони Гламчевски