Украина ја продолжува операцијата против проруските сепаратисти
Воената операција против проруските сепаратисти ќе продолжи без разлика на изјавите на претседателот Путин, кој повика на одложување на референдумот на 11-ти мај, изјави секретарот за национална безбедност Андрија Парубиј.

Украинската влада е подготвена да разговара со политичките партии и функционери од истокот на земјата но не и со терористи се вели во соопштението на украинското МНР. Реакците следуваат по вчерашните изјави на рускиот претседател Путин за надминување на кризата по мирен пат, повлекување на руските војници од границата на Украина и решавање на кризата преку дијалог.
„Ние продолжуваме да ги подготвуваме санкциите. Претседателот Обама и канцеларката Меркел пред една недела зборуваа во кои услови ќе дојде до нивна имплементација. Но се надевам дека тоа што вчера го зборуваше Путин ќе биде реализирано“, изјави Вилијам Хејг, британскиот секретар за надворешни работи.
Лидерите на самопрогласената Народна Република Доњецк денеска ќе решаваат дали ќе се одложи референдумот за независност.
„Се може да се реши по мирен пат, пролевањето крв нема да биде добро за никого. Луѓето не ги сакаат политичарите кои се борат само за власт“, вели жител на Доњецк.
Според истражувањето на американската агенција Пју мнозинството Украинци сакаат Украина да остане единствена држава.
Марија Петковска
