По наредба на Бајден извршени воени напади во Сирија
Американската армија изврши повеќе воздушни напади во Сирија, врз цели на милитантни групи, поддржани од Иран. Белата куќа тврди дека ова е одмазда за нападот со иранско беспилотно летало врз американската база...

Американската армија изврши повеќе воздушни напади во Сирија врз цели на милитантни групи поддржани од Иран. Белата куќа објави дека тоа било одмазда за претходен напад со беспилотно летало, во кој загина еден, а повредени се неколку припадници на американскиот персонал во воена база.
Според разузнавачките информации, постои сомневање дека нападот е извршен со беспилотно летало од иранско потекло, што може дополнително да ги влоши и односите меѓу Вашингтон и Техеран. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин истакна дека одмаздничките напади биле извршени по наредба на претседателот Бајден.
„Воздушните напади беа извршени како одговор на денешниот напад, како и на серија неодамнешни напади врз коалициските сили во Сирија“, изјава Лојд Остин, секретар за одбрана на САД.
Остин истакна дека ќе ги преземат сите неопходни мерки за да го одбранат американскиот народ.
Според соопштението, на двајца од ранетите војници им била укажана помош на лице место, додека тројца дополнителни војници и американскиот работник биле евакуирани во медицинските установи на коалицијата во Ирак.
Американските трупи од почетокот на годината биле нападнати 78 пати од групи поддржани од Иран.
Генералот Ерик Курила, командант на централната команда на САД на блискиот исток, во обраќањето пред Комитетот за вооружени служби на Претставничкиот дом на САД претходно предупреди за флота ирански беспилотни летала.
Марина Ристова
