Струмица со богат филмски живот- започна „Астер фест“

08.05.2014 13:25

Струмица од денеска живее богат филмски живот. Фестивалот на краткиот филм „Астер фест“ на публиката ќе и овозможи да погледа повеќе значајни дела од домашни и од странски автори. До почетокот на официјалниот дел, публиката уживаше во четири домачни изданија.

Почнаа мајските филмски чествувања во Струмица под знакот на „Астерфест“. Во предвечерјето на 10-тото јубилејно издание на Интернационалниот филмски фестивал, што ќе се одржи од 27 до 31 мај, струмичката публика како загревање, уживаше во четирите кратки филмови на родокрајниот автор Бранко Ставрев. Очи, Човек во црно, Село во срцето вселено и Змиска пепел се дел од краткиот и документарен филмски опус, по кој Ставрев влегува во светот на театарската уметност.

„Филмовите што ги правев ме враќаат во младоста кога филмот ми беше прва љубов, во времето кога Кино Балкан нудеше еден прекрасен репертоар за да ги видиме тенденциите во француслкиот филм“, вели режисерот Бранко Ставрев.

На фестивалот на краток филм „Астерфест“ ќе бидат прикажани триесетина филмови кои доаѓаат од повеќе држави од регионот, но и пошироко групирани во повеќе категории, Глобална фикција, креативна документарна програма, анимирана компетиција. Традиционално ќе се држат Астер портретите и Тивериополските филмски беседи. Организаторите најавуваат одлично јубилејно издание.

„Подготвуваме посебно ексклузивно издание во знак на јубилејот кој се одржува под мотото ’Старо и Ново’“, вели Горан Тренчовски, организатор на Фестивалот на краток филм Астерфест, Струмица.

Годинешни лауреати на „Астерфест“ се режисерот Борис Геретс и актерката Љупка Џундева. 

Катерина Давчева