Македонија

Во Куманово уништени садници од несовесни граѓани

24.03.2023 12:54

Несовесни граѓани постојано откорнуваа штотуку поставени садници. И покрај апелите ваквите појави во Куманово се чести. Лани биле засадени 8.000 садници, а целта е оваа година да се надмине таа бројка. Пошумувањето е една од мерките за долгорочно справување со аерозагадувањето...

Кумановското јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ продолжува со обновување и поставување нови садници во централното подрачје. Од почетокот на годината информираат засадени се 50-ина зимзелени, 200 украсни листопадни дрвја, а привршува садењето и на 800 украсни грмушки. Но, проблем кој се провлекува со години, велат надлежните се несовесните граѓани, кои често ги уништуваат садниците.

-Лесно е да посадиме садници, но нивното одржување е навистина тешко. Ние се соочуваме со сериозни проблеми со системот за наводнување за нивно полевање, одржување, но наидуваме и на такви состојби каде несовесни граѓани честопати ги уништуваат овие садници не знам од кои причини-истакна Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово.

Лани претпријатието засадило над 8.000 садници, а целта оваа година е да се надмине таа бројка. Пошумувањето е и една од мерките од планот за долгорочно справување со аерозагадувањето. Паралелно, целосно ќе се чистат и 30-те поголеми диви депонии во кумановско. Ќе се постават и поголем број садови за смет во населбите и селата, со цел да се крене свеста за чиста животна средина.

 

Елена Георгиевска