Политика

Останува статус-квото за уставните измени

24.03.2023 13:33

Премиерот Ковачевски ја повика официјална Софија, како членка на Европската унија, да ги спроведе пресудите од Стразбур за регистрација на партиите и организациите на Македонците во Бугарија. ВМРО-ДПМНЕ против уставни измени под бугарски диктат...

Бугарија во рамките на своето уставно уредување да го признае правото на самоопределување на Македонците кои живеат таму – директна порака од македонскиот премиер Ковачевски до властите на источниот сосед. Шефот на владата побара Софија да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права и европските норми. За пораките кои доаѓаат оттаму дека во Бугарија нема Македонци, Ковачевски нагласи дека секаде постојат политичари што сакаат да ги нарушат добрососедските односи помеѓу двете држави.

Во меѓувреме, останува статус-квото за уставните измени. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и по средбата со германската министерка Бербок остана на ставот дека нема да дадат поддршка за уставните измени под бугарски диктат, при тоа, потенцирајќи дека партијата има план од три дела: со национални, политички и економски елементи кои се подготвени да им го дадат на дипломатите од Европската унија. Притисоците вели Мицкоски се големи, но рече дека нема да потклекнат под нив. Тој бара распуштање на Собранието и предвремени избори.

И додека власта инсистира уставните измени да се донесат најдоцна до крај на годинава, опозицијата тврди дека 9 мина пратеници од СДСМ не сакаат да гласаат за измените, а еден од ДУИ бара пари за да гласа. Социјалдемократите, пак, порачуваат дека нема несогласувања во нивните редови.

 

 

Миле Ристески