Мизо: Извозот од зоните со драстичен раст
Доколку продолжи ваквото темпо може да се надмине планираната бројка на извоз за годината од 1,2 милијарди евра...

Вредноста на извозот од слободните економски зони во првите четири месеци од годината изнесува 350 милиони евра. Извозот во првиот квартал кој изнесува 250 милиони евра бележи пораст во однос на овој период лани за 95 отсто. Од Дирекцијата на Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) очекуваат доколку продолжи ваквото темпо да се надмине планираната бројка на извоз за годината од 1,2 милијарди евра. Вкупниот извоз од државата во првите три месеци забележа пораст од 17 проценти.
„Имаме драстично зголемување на извозот во однос на минатата година. Само во еден месец имаме извоз од зоните од околу 100 милинои евра и сме на пат да го достигнеме, можеби и да го надминеме вкупниот планиран извоз од зоните од 1,2 милијарди евра на годишно ниво“, изјави директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо, пренесува МИА.
Според него, ова се должи на активноста на втората фаза на „Џонсон Мети“, која активно произведува дополнителна вредност во споредба со лани, потоа „Ван Хол“ кој е функцинален, „Џонсон контролс“ во Штип и „Кемет електроникс“.
„Гледаме драстично зголемување иако можеби апсолутните бројки не се големи, но имаме драстично зголемување и на извозот од „Продис“ и „Текнохозе“ што е показател не само на ефикасноста на производството на овие компании во Македонија, туку и за заздравување на европската економија, бидејќи сите овие производи се наменети за тој пазар, што значи дека автомобилската индустрија, електрониката и фармацијата и во случајот на Ванхул тоа е американскиот пазар“, истакна Мизо.
Тој очекува извозот од зоните во вкуниот извоз до крајот на годината да достигне 30 проценти доколку продолжи ваквото темпо.
