Јавен сектор

Протест на вработени во Министерството за култура, бараат повисоки плати

24.03.2023 14:39

Вработени во Министерството за култура, во Управата за заштита на културното наследство и во Агенцијата за филм, на протест пред финансии. Бараат повисоки плати, се работи на воспоставување систем за раст на платите на вработените во јавниот сектор, одговорија од финансии...

Протест пред Министерството за финансии поради незадоволство од платите. Вработените од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм со порака до Владата да не дозволи нерамноправен третман на вработените во овие институции, во кои според нив, дури 70 проценти од вработените примаат плата дури и до 10.00 денари помалку од останатите државните органи. 

Претседателот на синдикалната организација при Министерството за култура на УПОЗ, Бранко Костовски, истакна дека веќе имаат изготвено Предлог-текст на колективниот договор, кој предвидува објективно и коректно покачување на платите на вработените, за кој минатата година Министерството за финансии дало негативно мислење.

Министерството за финансии одговори, се работи на воспоставување систем за раст на платите на вработените во јавниот сектор. Во Законот за службеници во државната администрација воведена е методологија со која минималната плата е внесена како основна компонента во платата на државната администрација и врз основа на тоа платите на сите вработените, се зголемуваат согласно утврдените критериуми за раст на минималната плата – велат од ресорното министерство.

Тоа се однесува на вработените опфатени со овој закон, додека кај другите растот на платите е регулиран со колективни договори, велат од Финансии.

 

 

Марина Стојанова Тонева