Вонреден инспекциски надзор во битолската болница за смртта на шестгодишното девојче
Вонреден надзор во клиничката болница во Битола. Се утврдува дали има лекарска грешка во случајот со малата Јана, која почина во оваа здравствена установа. Семејството тврди дека на девојчето драстично му се влошила состојбата откако примило инфузија со глукоза, иако шеќерот веќе и бил покачен. Директорот Обедниковски денеска беше повикан во Скопје. И тој ги чека наодите од инспекциите...

Вонреден инспекциски надзор во битолската болница по смртта на 6-годишната Јана Христовска. Вработени во Здравствениот и санитарен инспекторат ја „чешлаат“ документацијата и разговараат со персоналот кој бил во контакт со девојчето коешто почина во средата на Одделението за интензивна нега. Директорот на болницата Александар Обедниковски, во Министерството за здравство брифираше за случајот. Рече дека нема да споделува детали за настанот додека трае истрагата.
Обдукцијата на Јана беше извршена во службата за патологија во битолската болница. И министерот за здравство Меџити не кажува повеќе детали за причините за смртта – вели, ќе го почека извештајот од институциите, а потоа ќе се донесе одлука за натамошно постапување.
Случајот го истражува и Јавното обвинителство. Основното јавно обвинителство Битола издава наредби и насоки за да се извршат сите неопходни проверки. Причината за смртта на девојчето сè уште не е утврдена – велат од Обвинителството.
Семејството на Јана тврдеше дека иако шеќерот и бил покачен, и била дадена инфузија со глукоза.
Девојчето било донесено во болница околу 10 часот со симптоми на настинка. Било примено на Одделението за педијатрија, каде според изјавите на родителите, му била дадена терапија и инфузија, но состојбата и се влошила, по што починала околу 14 часот.
Анита Димитријевска Велковска
