Македонија

Полициска акција на наплатната рампа кај Тетово, запленета голема количина дрога, уапсени дилери

24.03.2023 17:07

Филмска полициска акција на наплатната рампа кај Тетово. Спречен шверц на 35 килограми дрога, чијашто вредност се проценува на 100 илјади евра. Уапсени се двајца арачиновци кои превезувале четири вреќи со марихуана. Едниот од претходно се барал со потерница....

Како на филм, двајца дилери од Арачиново бегаат пред полицијата на наплатната рампа на патот Гостивар-Тетово но, рампата е поцврста и ги запира. При обидот за бегство удираат и оштетуваат полициско возило, а потоа се приведени од полициските службеници. Во возилото на двајцата арачиновци се откриени околу 35 килограми дрога.

„Полициски службеници дале знак за запирање на патничко возило „ренџер-ровер“ со скопски регистарски ознаки управувано од К.А. во кое сопатник бил О.А., двајцата од село Арачиново, скопско. Лицата не ја почитувале дадената полициска наредба да го сопрат возилото, туку се дале во бегство притоа оштетувајќи службено полициско возило, но набргу се запрени и лишени од слобода. При извршен преглед во багажниот простор на возилото откриени се четири вреќи со марихуана со тежина од околу 35 килограми во вредност од 100 илјади евра“, изјави Сузана Прањиќ од односи со јавност при МВР.

На местото на неуспешниот обид за бегство на двајцата дилери излегол и јавен обвинител од Тетово. По судска наредба, извршени се претреси и во домовите на двете лица, при што се откриени предмети поврзани со кривичното дело. Едниот уште од претходно се барал со централна потерница поради бегство од штипскиот затвор, каде за издржување има затворска казна од уште 6 и пол години, а се барал и за шверц на мигранти и дрога. Двајцата арачиновци се приведени во СВР Тетово и против нив е поднесена кривична пријава.

 

Ирина Гелевска