дзси

Не се констатирани пропусти во лекувањето на шестгодишната Јана, утврди ДЗСИ

24.03.2023 21:07

Заврши вонредниот инспекцискиот надзор во битолската болница, направен по смртта на шестгодишната Јана. Државниот санитарен и здравствен инспекторат потврди дека на девојчето му било дадена инфузија по што му се влошила здравствена состојба, но не се констатирани пропусти во лекувањето. Резултатите од ензимските иследувања дале показатели за срцево страдање кај девојчето. Директорот на болницата беше повикан за случајот да реферира во Скопје...

Државниот санитарен и здравствен инспекторат го заврши вонредниот инспекциски надзор во Клиничка болница во Битола, каде што го проверуваше лекувањето на малото девојче Јана Христовска од Кравари, која пред два дена почина во болницата. Не се констатирани пропусти во лекувањето, иако од Инспекторатот потврдуваат дека состојбата на детето се влошила по примањето инфузија со глукоза, но тоа не е констатирано како грешка на педијатрите.

ДСЗИ детално го опиша третманот на шестгодишното дете – Јана била донесена за преглед на 22 март околу 10 часот, без претходен упат од матичен доктор. Била дехидрирана, со оток на очните капаци, обложен јазик. Примила инфузија која била физиолошки раствор со 5 проценти глукоза, па одново е земена крв за дополнителни анализи, каде е проверуван шеќерот. Состојбата се влошила, кај Јана дошло до појава на малаксаност, бледило, тахикардија, била префрлено на полуинтензивна нега, поставена на монитор и кислородна поддршка. И биле направени два ЕКГ, потоа детето имало срцев застој и е направена реанимација. Префрлена е на интензивна нега, каде починала во 15.20 минути.

Директорот на болницата беше повикан во Скопје да реферира за случајот. Во меѓувреме и Обвинителството издаде насоки да се провери случајот.

Обдукцијата е завршена. Родителите на 6-годишното девојче се сомневаат дека при лекувањето на детето била направена лекарска грешка.

 

Игор Панов