Радовиш преку фотоволтаици ќе произведува струја и ќе ја дели со општините Василево и Конче
Промовиран проектот енергетско ефикасен регион со кој во Радовиш ќе се инсталираат фотоволтаици со капацитет од 430 киловати инсталирана моќност а произведената струја ќе ја користат и општините Василево и Конче. Станува збор за проект на Центарот за развој на Југоистокот а кој го финансира Министерството за локална самоуправа и три општини...

Центарот за развој на Југоистокот го промовираше проектот енергетски ефикасен регион вреден речиси 23 милиони денари, со кој во општина Радовиш ќе се инсталираат фотоволтаици а дел од произведената струја ќе ја користат и општините Василево и Конче.
Станува збор за проект кој го финансира Министерството за локална самоуправа швајцарската амбасада и општините Радовиш Василево и Конче.
Општина Радовиш формираше посебна фирма за производство на електрична енергија. Фотонапонските панели ќе бидат инсталирани на спортската сала и училиштето „Крсте Мисирков“ во Радовиш. Тие ќе бидат со капацитет од 430 киловати инсталирана моќност.
50 отсто од енергијата ќе ја користи Радовиш, а останатиот дел општините Василево и Конче. Градоначалниците кажаа дека тоа носи дополнителни заштеди во општинските буџет.
На двата објекти во Радовиш треба да бидат инсталирани околу 800 монокристални фотоволтаични модули, а целиот проект треба да се заокружи најдоцна до крајот на август.
Ване Трајков
