Москва: Употреба на секакво оружје во одбрана на Крим, Киев најави контраофанзива
Киев најави дека наскоро ќе почне контраофанзива, Москва – употреба на секакво оружје за одбрана на Крим, долниот дом на рускиот парламент предложи забрана на меѓународниот кривичен суд (МКС) да работи во Русија, откако судот издаде налог за апсење на претседателот Владимир Путин, обвинувајќи го за воени злосторства...

Киев најави дека најави контраофанзива, а Москва употреба на секакво оружје во одбрана на Крим. Русија и натаму предупредува на можен нуклеарен судир доколку Велика Британија и испрати на Украина муниција со осиромашен ураниум. Изјавата на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу е реакција на најавата на Лондон дека ќе го снабдува Киев со овој тип муниција. Претходно портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Захарова го нарече британскиот план „југословенско сценарио“, велејќи дека муницијата предизвикала висок степен на канцерогени заболувања.
„Покрај труењето на сопствениот народ, ова ќе предизвика и колосална економска штета врз земјоделскиот сектор на Украина, првенствено врз полјоделството и стоката, ќе ги уништи извозите на земјоделските производи од украинска територија со децении, па и векови“, изјави Игор Кирилов – шеф на силите за заштита од радијација, хемиско и биолошко оружје.
Долниот дом на рускиот парламент предложи забрана на Меѓународниот кривичен суд (МКС) да работи во Русија, откако судот издаде налог за апсење на претседателот Владимир Путин, обвинувајќи го за воени злосторства. Москва предупреди дека секој обид за апсење на шефот на Кремљ ќе се третира како објава на војна против најголемата нуклеарна сила во светот. Украина не е членка на МКС, но Киев и додели надлежност да ги гони злосторствата извршени на украинска територија.
Обединетите нации објавија извештај во кој е документирано убиство на украински и руски воени затвореници, можни воени злосторства, малтретирање, човечки штит и други злоупотреби од почетокот на војната. Унгарското МНР тврди, кога ќе запре војната и ќе почнат мировните преговори, не значи дека границите ќе се таму каде што се линиите на фронтот.
„Војната е неуспех на дипломатијата, а мирот секогаш значи успешна дипломатија. Крајно време е дипломатијата да ја преземе улогата на оружјето. Мора да дојде до прекин на огнот“, изјави Петер Сијарто – министер за надворешни работи на Унгарија.
Американскиот претседател Бајден, изјави дека Кина сè уште не испратила оружје во Русија, но тоа не значи дека тоа нема да се случи во иднина.
„Ние значително ги проширивме нашите сојузништва. Не гледам дека тоа се случува со Кина и Русија или кој било во светот. НАТО е посилен, заедно сме сите. Г7, КВАД, АСЕАН, Јапонија, Кореја. Моите соработници ми посочија дека сум се сретнал со 80 насто од светските лидери откако сум претседател“, рече Џо Бајден - претседател на САД.
Војната во Украина трае речиси 400 денови.
Маја С. Филдишев
