Туризам

Струшко Подгорци привлекува туристи со уникатна автентична авантура

25.03.2023 15:11

Со уникатна автентична авантура струшко Подгорци привлекува туристи. Јавање коњи, стрелање, подготовка локална храна, логорски оган, берење чаеви и шумско овошје, се дел од активностите со кои туристичкиот работник Шабан Адемоски на својот ранч над селото ја презентира земјава пред странските гости...

Струшко Подгорци станува рурална туристичка дестинација. Преку уникатна автентична авантура на Јабланица јавање коњи, стрелање, подготовка локална храна, палење логорски оган, берење чаеви и шумско овошје, туристичкиот работник Шабан Адемоски на својот ранч над селото ја презентира земјава пред странските гости.

Туристите се запознаваат со културата, традицијата и мултиетничноста, начинот на живот во областа на Дримколскиот регион.

„Пред сè, сè е природно овде имам градина сами си собираат салата, Ги организирам сите. Се качуваме на коњите, си шетаме низ голината. Таа авантура ја нема никаде во светот. Интересно е што нигде нема слично и тоа е целата работа што туристите се задоволни“, вели Шабан Адемоски жител на Подгорци.

Најчестите гости се од Холандија, Словенија, Белгија, Италија и Малезија. Им се нудат прошетки во живописната природа на 2000 метри надморска височина и посета на Подгоречкото езеро, кое е најголемо на Јабланица.

„Кога ќе дојдат овде ако треба два часа да сме, остануваме пет. Дури остануваме и навечер на логорски оган надвор на скарата, си фаќаат риби заедно правиме храна. Имам салата имам се природно имам сирење од козите“, вели Адемоски.

Јабланица е богата со еколошки производи, голем дел од нив може да станат бренд на регионот и да донесат поголем економски бенефит на локалното население.

 

Соња Рилковска