Спасовски: Градиме партнерство на доверба меѓу полицијата и заедницата за зголемена безбедност
Спасовски истакна дека сите сериозни реформи и материјално технички унапредувања кои се реализираа последниве неколку години во МВР се со цел градење на полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните и работното мото под кое МВР функционира е „МВР за граѓаните“...

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на Градскиот плоштад во Куманово, во присуство на дел од раководството на МВР, претставници на Македонскиот полициски синдикат, Локалниот совет за превенција и пратеници ја промовираше заедничката кампања на МВР и МПС, „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“, чија цел е доближување до граѓаните за суштината, вредностите и карактеристиките на концептот – полициско работење со заедницата, важноста на градењето партнерство помеѓу полицијата и граѓаните, но и механизмите за контрола врз полицијата што придонесуваат за зголемување на нејзиниот кредибилитет и интегритет.
Министерот во своето обраќање потенцираше дека полицијата како институција задолжена за безбедноста на граѓаните и општеството има една од најважните улоги во државата и заедницата.
Спасовски истакна дека сите сериозни реформи и материјално технички унапредувања кои се реализираа последниве неколку години во МВР се со цел градење на полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните и работното мото под кое МВР функционира е „МВР за граѓаните“.
Кампањата „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“ почнува денеска во осум градови на Секторите за внатрешни работи и ќе продолжи во следните четири викенди низ поголем дел од градовите во државата, при што полицијата преку делење едукативен материјал и непосредни разговори со граѓаните од страна на полициски службеници ќе биде одблиску презентирана улогата на полицијата во заедницата, стои во соопштението од МВР.
