МТВ на терен со сообраќајна полиција
Македонската телевизија со полициска патрола. Колку се почитуваат сообраќајните правила? За неполни три месеци на подрачјето на Куманово изречени над 3.000 казни за возење со брзина поголема од пропишаната. Санкционирани и над 300 лица кои управувале возило под дејство на алкохол...

Сабота, еден час пред полноќ, распределување на задачи и терен. Секојдневие на дежурната екипа во кумановската сообраќајна полиција, ќе се обидат да спречат несреќи. Ќе се проверува колку возачите ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, дали возат со брзина поголема од дозволената, непрописно пристигнуваат и возат под дејство на алкохол. Екипата на Македонската телевизија заедно со нив.
Распоредени на неколку пунктови, вообичаено се поставуваат на најфреквентните улици, во близина на кафулињата. Вршат и снимање со т.н ноќен радар.
„Сообраќајните контроли се пред сè да ја подигнеме свеста кај граѓаните и да се зголеми безбедноста во сообраќајот. Секој од нас треба да се однесува одговорно во делот на сообраќајот дали се возачите или пешаците бидејќи сите се учесници во сообраќајот“, истакна Ивана Младеновска, портпарол СВР Куманово.
Во најголемата општина во земјава од почетокот на годинава биле спроведени 82 акциски контроли.
Елена Георгиевска
