Охрид

Во Охрид доминира женскиот претприемачки дух

26.03.2023 11:50

Охрид е позитивен пример за развојот на женското претприемништво во изминатите три децении. Процентот на жени сопственици на компании во оваа општина е веќе над педесет проценти и може да се каже дека е изминат најдолгиот пат до родова рамноправност барем во овој сегмент на живеењето. Од Југозападниот регион за женско претприемништво сметаат дека на овој начин жените даваат огромен придонес за економско јакнење на општината и воопшто на целата средина...

Ако до пред три децении жената требаше да ги крши табуата дека и таа може да биде успешен претприемач, денес барем што се однесува до Охрид веќе доминира женскиот претприемачки дух. Тоа го покажуваат и статистичките податоци од каде што може да се види дека од 74 компании во општината на 38 сопственици се жени. За нив тоа не е нималку лесно, бидејќи покрај создавањето и одржувањето на бизнисот во истовреме треба да бидат и мајки, домаќинки и да се грижат за семејството.

„Можам да кажам дека жени на раководни функции на сопствени бизниси има малку повеќе од 50 проценти. Мислам дека свесноста од самиот овој податок е толку разбудена кај жената. И самите знаете една жена е моќна, а сите заедно се сила и ги менуваат работите. Со поддршка и менторирање на новите жени претприемачи тука сме да помогнеме оваа бројка навистина да ја зголемиме“, изјави Сузана Наумовска-координатор за женско претприемништво за Југозападен регион.

Иако во моментов улогата на жената во науката, образованието и во сите други сфери на општеството е голема од научно-образовните институции сметаат дека таа треба да биде уште повеќе интензивирана, пред сè во светот на дигитализацијата, особено по зачестените случаи на сајбер криминал во кој на удар се токму тие.

„Еве ги насоките за дигитализација што се во последен тренд или за сајбер безбедност. Имаме успешни приказни на жените во науката и девојчињата во науката интегрирани и случувањата што ги имавме да мотивираме наши студенти од областа на информатиката, но сепак девојчиња студенти“, изјави проф. д-р Устијана Речкоска Шикоска-проректор на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ Охрид.

Ако во светски рамки се докажа дека еднаквоста на жената во бизнис секторот била од повеќекратна корист за економијата на развиените земји, нашата држава треба да ги следи тие искуства. Со поголема партиципација на жената на пазарот на трудот ќе се намали сиромаштијата и ќе дојде до подобра социјална кохезија.

 

Сашо Нелоски