Киев: Белорусија е заложник на Москва
Белорусија е заложник на Москва – тврди Киев откако Русија најави распоредување на нуклеарно оружје кај својот сосед. Според Кремљ, одлуката е легитимна бидејќи и сад постојано распоредува нуклеарки кај своите соседи. Според Вашингтон, засега нема знаци дека Русија ќе употреби ваков вид оружје...

Претседателот на Русија, Путин најави дека Москва ќе распореди „тактичко“ нуклеарно оружје на територијата на Белорусија.
„САД го прават тоа веќе со децении, одамна распоредуваат нуклеарно оружје во своите сојузници“, потенцира шефот на Кремљ. На трети април почнуваат да го обучуваат екипажот, а на први јули ќе бидат изградени посебните магацини за тактичко нуклеарно оружје во Белорусија. Според Путин, оваа одлука е поттикната од подготвеноста на Лондон да испрати во Украина оружје со осиромашен ураниум.
„Зошто Американците распоредуваат нуклеарно оружје кај своите сојузници, на нивната територија, обучуваат екипи, пилоти, како да го користат овој вид оружје ако треба. Се договоривме да го направиме истото, без да ги прекршуваме нашите обврски, нагласувам. Без нарушување на нашите меѓународни обврски за неширење на нуклеарното оружје. Десет авиони се веќе подготвени“, изјави Владимир Путин-претседател на Русија.
Киев тврди, Белорусија е нуклеарен заложник на Русија, а тоа ќе резултира со меѓународна дестабилизација. За украинскиот претседател Зеленски, само целосен пораз на Русија ќе биде гаранција против нови агресии и кризи.
„Русија мора да биде поразена на фронтот, во економијата, во меѓународните односи, и во обидите да ја замени историската вистина со некакви империјалистички митови. Кремљ доживува пораз во обидите духовно да го пороби нашиот народ“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Според САД, нема индикации дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје. „Ќе продолжиме да ја следиме оваа ситуација. Не видовме причина да ја приспособиме нашата сопствена стратешка нуклеарна положба“, соопштија од Стејт департментот.
По распаѓањето на Советскиот сојуз, нуклеарното оружје што беше во новите независни држави, како Белорусија, Украина и Казахстан, беше пренесено во Русија.
Маја С. Филдишев
