ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Заштитена географска ознака „Преспанско Јаболко“

27.03.2023 08:09

Заштитена е географската ознака „Преспанско јаболко“. Потрошувачите кои ќе купат јаболко што ја носи оваа ознака можат да бидат сигурни дека имаат автентичен производ од Преспанскиот Регион со загарантиран квалитет. Засега има 17 производители на овој бренд...

Потпишани се 17 решенија на производители на преспанско јаболко кои ја поминаа верификацијата и ќе можат на пазарот и трговијата непречено да го користат заштитениот географски назив „Преспанско јаболко“.

Со тоа производот се заштитува од имитација, злоупотреба и лажно декларирање. Потрошувачите кои ќе купат производ јаболко што ја носи оваа ознака можат да бидат сигурни дека ќе консумираат автентичен производ од Преспанскиот Регион со загарантиран квалитет.

Земјоделската задруга „Преспанка“ од Ресен кон крајот на 2021-ва година поднесе барање до Министерство за земјоделство за регистрација на географска ознака.

Министерството ги повикува сите кои сакаат, да ја почнат постапката и да го заштитат својот производ со некоја од ознаките за квалитет, односно заштитена географска ознака, ознака за потекло и загарантиран традиционален специјалитет.

Барање за заштита на некој производ можат да поднесуваат само група на производители или преработувачи кои се занимаваат со производство на ист земјоделски или прехранбен производ.

 

Методија Трајков