Фудбалскиот селектор дискретно најавува драстични промени за во квалификациите за ЕП

Бошко Ѓуровски: Можеби ќе играме со нов и млад тим

08.05.2014 15:00

Единствената контрола со Летонија, повлекувањето на  Новески и на Пандев од националниот тим и понудата во нашиот клупски фудбал го инспирираа селекторот Бошко Ѓуровски по само неколку месеци на функцијата да биде блиску до сериозна одлука да заземе сосема нов курс со македонската фудбалска репрезентација.

Единствената контрола со Летонија, повлекувањето на  Новески и на Пандев од националниот тим и понудата во нашиот клупски фудбал го инспирираа селекторот Бошко Ѓуровски по само неколку месеци на функцијата да биде блиску до сериозна одлука да заземе сосема нов курс со македонската фудбалска репрезентација.

„Можеби една од одлуките ќе ми биде со сосема нов и млад тим да ги почнеме новите квалификации. И тоа ми паѓа на ум, со оглед на бројните проблеми, пред се поради тоа што најголем дел од играчите не се стандардни во своите клубови. Но, без оглед на се, и ако појдам во циклусот со млад тим, целосно ќе верувам во успех и со него и далеку од тоа дека ќе бидам песимист“, најави ваква можност Ѓуровски.

За прв чекор во новиот правец може да се смета тоа што за претстојните пријателски дуели со Камерун во австриски Куфштајн на 26-ти и со Катар во Рим на 30-ти овој месец селекторот ќе смета на дури 40 фудбалери. Десетмина од нив се од домашната лига и ретко или никогаш досега не добивале сениорски повик. Некои се повремени членови, некои стандардни во минатиот циклус. Поканет е и Давид Бабунски. Поголем дел од овој микс Ѓуровски ќе сака да провери барем на по една контрола.

Свесен е дека е крај на сезоната и оти сите повикани нема да одговорат на поканите, но на оние коишто ќе калкулираат кога сакаат, а кога не сакаат да играат на пријателски, јасно им порача:

„Не верувам дека играчите се толку оптоварени со тоа на кои пријателски мечеви ќе сакаат да играат. Ако почувствувам такво нешто, сигурно веќе нема никогаш да соработувам со нив. Сакам сите да играат со големо срце и настапите за репрезнетацијата да им бидат чест“, рече Ѓуровски.

 

Список на повикани играчи за пријателските натпревари со Камерун и со Катар

Голмани: Пачовски, Наумовдки, Ефремов, Јовановски

Одбрана: Георгиевски, Тодоровски, Ристовски, Попов, Алиоски, Цуцули, Мојсов, Шиков, Грнчаров, Ристески, Најдоски, Зајков

Среден ред: Демири, Стјепановиќ, Положани, Спировски, Глигоров, Хасани, А.Ибраими, Давид Бабунски, Муарем, Трајковски, Бојку, Д.Велковски

Напад: Тричковски, Абдурахими, Костовски, Јаховиќ, Илијоски, Сулејманов, К.Велкоски, Маркоски, Блажевски, Б.Ибраими, Скендери, Аврамовски