Израел

Ситуацијата во Израел сè подраматична, армијата ставена во состојба на готовност

27.03.2023 11:20

Масовни протести во Израел откако премиерот Нетанјаху го разреши министерот за одбрана Галант, кој јасно ја критикуваше планираната судска реформа во земјата. Против реформата побара и претседателот Херцог. Нетанјаху во текот на ноќта се консултирал со неколку министри од неговата коалиција. Доколку ги замрзне плановите за реформата, може да дојде до масовни протести во неговата десничарска религиозна коалиција...

Разрешувањето на израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, ги разгори протестите во земјата. Десетици илјади луѓе излегоа на улиците, по одлуката на премиерот Бенјамин Нетанјаху поради повикот на Галант да запрат судските реформи. Пред домот на премиерот беа поставени блокади. Армијата е ставена во состојба на зголемена готовност. Револтот се зголемува и во војската. Резервисти почнаа да ја бојкотираат службената должност. Повик за повлекување на контроверзната реформа и од израелскиот претседател Исак Херцог и опозицијата.

„Ја повикувам израелската влада на Ликуд да се вразуми, да ја запре легислативата и да се врати на разговорите со нас. не мора да се судруваме, не мора да се распаднеме. Постојат решенија. Ја повикувам коалицијата, да одиме во претседателската резиденција и да почнеме национален дијалог, кој на крајот ќе ни даде Устав врз основа за Декларацијата на независноста, и земја во која сите ќе живееме заедно со меѓусебна почит“, изјави лидерот на опозицијата, Јаир Лапид.

Најголемиот синдикат бара организирање на генерален штрајк. Откажани се сите полетувања од аеродромот Бен Гурион во Тел Авив. Одборот за правда и закон одржа средба на стартот на работната недела.

„Мора да ја откажеме судската реформа, да ја отстраниме целосно, и заедно да размислуваме како ќе им обезбедиме подобра иднина на сите граѓани на Израел“, рече Орна Барбиваи, од опозициска партија Јеш Атид.

„Државата Израел заслужува подобра влада, лидерство, и вие мора да си заминете. Не сте легитимни“, порача Јулија Маилновски, член на опозицијата.

Со планираната реформа, Кнесетот и владејачките партии ќе имаат поголема контрола врз судството, вклучувајќи ги и процесите за избор на судии, како и законите за кои ќе решава Врховниот суд. Измените се сметаат за најголеми во овој сектор од неговото основање во 1948 година. Предложените реформи за поголема моќ на политичарите значат и помали права за малцинствата, особено за Палестинците.

 

Маја С. Филдишев