Ковачевски: Членството во НАТО- вистинска одлука во вистински момент
Пристапот во НАТО е излез од неизвесност и влез во сигурност. Затоа е клучно да продолжи политиката на отворени врати на НАТО кон државите од европскиот континент коишто имаат вакви аспирации, нагласи премиерот Ковачевски.

„Членството во НАТО се покажа како вистинска одлука во вистински момент. Ги осигуравме безбедноста и перспективите како успешен, стратешки, патриотски чекор во вистинско време и денешното време е најдобра потврда за тоа. На истиот брод сме сите и мора солидарно и обединето да дејствуваме во одбраната и унапредувањето на мирот и просперитетот во светот“, истакна премиерот Ковачевски во своето обнраќање на настан во чест на тригодишнината од приемот на земјава во НАТО, организиран од Министерството за надворешни работи.
Станува збор за традиционален НАТО појадок со амбасадорите на земји членки на НАТО, како почеток на Деновите на НАТО во Северна Македонија, што се одржа во Клубот на пратеници во Скопје, а како специјална гостинка присуствуваше и украинската амбасадорка.
„Во услови кога светот, во 21-от век се соочи со целосно неразумна и недозволива агресија на Руската Федерација врз една суверена и независна држава - Украина - светлото е вперено кон НАТО. Пристапот во НАТО е излез од неизвесност и влез во сигурност. Затоа е клучно да продолжи политиката на отворени врати на НАТО кон државите од европскиот континент коишто имаат вакви аспирации“, нагласи премиерот Ковачевски.
Додаде дека единствениот начин да се спаси мирот во светот е да се обединиме околу потребата да го вратиме мирот во Украина.
